Градоначалникот на Општина Пробиштип, Тони Тоневски, на денешната прес-конференција направи отчет за првата година од мандатот, истакнувајќи дека општината успеала да врати над 50 милиони денари од затекнатиот долг, додека истовремено се реализираат капитални проекти во вредност од над 100 милиони денари.
„До денес, како резултат на одговорното работење и преземените мерки, вративме над 50 милиони денари од долгот на општината, кој минатата година изнесуваше повеќе од еден милион евра. Финансиското раздолжување не е само сметководствена категорија. Тоа значи создавање на услови општината во иднина полесно да планира, да аплицира за средства, да реализира капитални инвестиции и навремено да одговори на потребите на граѓаните“, изјави Тоневски.
Тој посочи дека покрај враќањето на долговите, во општината интензивно се работи на патна и комунална инфраструктура.
„Во текот на оваа година реализиравме и реализираме проекти во вредност од над 100 милиони денари, а пред започнување со реализација се проекти со вкупна вредност од дополнителни 70 милиони денари. Се посветивме на изградба и реконструкција на улиците „3-та“, „3-ти Април“, „Јаким Стојковски“, „Ленинов плоштад“, „Никола Карев“. Целосно се реконструираше патниот правец од Пробиштип до село Кундино, а деновиве продолжуваат градежните работи за реконструкција на патот помеѓу селата Горни и Долни Стубол“, истакна градоначалникот.
Во однос на водоснабдувањето, Тоневски информираше дека е завршена санацијата на резервоарот за вода за пиење, а со обезбедени 30 милиони денари од Министерството за животна средина започнува целосна реконструкција на филтер-станицата. Дополнително, подготвени се проекти од 600.000 евра за нови водоснабдителни системи во селата Дренак, Стрмош, Лесново, Зарапинци и Стрисовци.
Тоневски најави и зафати во урбанизмот, туризмот и спортот, меѓу кои уредувањето на урбаниот блок 7.5 на влезот во градот, реконструкцијата на планинарскиот дом „Црн Врв“, уредувањето на просторот околу стариот даб во село Марчино, како и обновата на ракометното игралиште во центарот на Пробиштип.
Како еден од најважните чекори за иднината на градот, Тоневски ја истакна изработката на нов Генерален урбанистички план (ГУП).
„Ја започнавме една од најважните задачи за нас – постапката за изработка на нов Генерален урбанистички план на Пробиштип. Со новиот ГУП ќе создадеме современа и реална развојна рамка за градот. Ќе овозможиме проширување на градежниот реон и ќе создадеме нови можности за изградба на семејни домови, за нови инвестиции и за економски развој“, заклучи тој.


