Владата разгледува пакет на нови, микро-таргетирани мерки за ублажување на последиците од глобалната криза,кои ќе се активираат во зависност од развојот на случувањата на Блискиот Исток. Една од главните опции кои се на маса е замрзнување на трговските маржи. Како што информираат надлежните, доколку се донесе ваква одлука,евентуалното идно одмрзнување би се вршело постепено за да се избегнат нагли ценовни шокови за граѓаните.

Премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција предупреди дека ситуацијата во Персискиот Залив е исклучително сериозна. Повикувајќи се на податоци од Светската енергетска агенција, тој посочи дека ова е веројатно најголемата криза по волумен уште од 1970-тите години. Само во март, директните штети на енергетската инфраструктура во земјите од Заливот се проценуваат меѓу 50 и 70 милијарди долари, додека индиректните се двојно или тројно повисоки.

Покрај справувањето со увезената криза, премиерот потсети дека државата се соочува со сериозен товар од минатото.

„Треба да вратиме две и пол милијарди евра стари обврски годинава. Почнавме да го враќаме солидарниот данок, тоа се педесетина милиони евра. Треба редовно да се исплатат плати, пензии, режиски трошоци, а настрана од тоа сега имаме директни субвенции од Буџетот. Состојбата е таква каква што е. Нема откажување, ќе се бориме и ќе победиме на крај“, изјави Мицкоски.

Тој потсети дека Македонија е можеби единствен случај во регионот со толку робустна акција за заштита на стандардот, бидејќи покрај намалувањето на акцизата (4 денари за дизел и 2 денари за бензин), намалено е и ДДВ-то за горивата од 18 на 10 проценти.

И покрај зголемениот „бензински туризам“ и рекордната потрошувачка од странски државјани, Мицкоски уверува дека снабдувањето со горива е целосно стабилно и нема потреба од ограничувања, додавајќи дека Владата засега не планира зголемување на буџетскиот дефицит.

Exit mobile version