Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска информираше дека се поставуваат последните слоеви асфалт на потегот од Стара Рампа до семафорите кај Црвениот крст. Станува збор за еден од најзначајните инфраструктурни зафати во главниот град – изградбата на булеварот „Македонија“.
Според Ѓорѓиевски, овој проект кој со години бил оставен во застој, сега се реализира со засилена динамика, често и во ноќните часови.

„Проектот денес добива јасна насока, временска рамка и силна визија за современ урбан развој. Иако подземната сообраќајница како дел од третата фаза е веќе изградена, нејзиното целосно ставање во функција зависи од комплетирањето на сите фази – процес што веќе е во полн ек“, напиша Ѓорѓиевски на својот Фејсбук профил.
Во рамки на првата фаза, извршена е реконструкција на постојниот коловоз и проширување на дел од сообраќајните ленти на булеварот „Борис Трајковски“ (кај Рампа), улиците „11 Октомври“ и „Пролет“, како и крак од булеварот „Македонија“. Конкретно, улицата „Пролет“ е проширена со дополнителна лента, а раскрсниците добија нови сообраќајни острови за поголема безбедност. Овој потег вечерва целосно ќе биде сообраќајно обележан.
Во однос на следните фази, градоначалникот најави изградба на нов кружен тек кај „Нова Македонија“, уште два кружни текови на потегот меѓу булеварот „Кочо Рацин“ и улицата „Јордан Мијалков“, како и проширување на булеварот „Св. Кирил и Методиј“. Паралелно, се поставува и нова атмосферска канализација со над 60 шахти и сливници.
Круна на проектот е подземната сообраќајница која ќе располага со шест ленти (четири за автомобили и две за јавен превоз), со чие активирање се очекува сообраќајниот метеж во центарот на Скопје да се намали за дури 33 отсто. Ѓорѓиевски на крајот им се заблагодари на скопјани за трпението поради денешното затворање на улицата.