Премиерот Христијан Мицкоски засега не открива дали и кои министри ќе бидат опфатени со евентуалната владина реконструкција, но потврдува дека се подготвуваат кадровски освежувања. На новинарско прашање дали има членови на кабинетот од чија работа не е задоволен и дали ќе има промени во владиниот состав, тој побара трпение од јавноста.
„Да се стрпиме неколку недели или месеци. Додека не бидам сигурен во она што го зборувам, нема да кажам ниту име, ниту процес“, дециден беше Мицкоски.
Претседателот на Владата го појасни и календарот според кој ќе се одвиваат овие политички процеси. Според неговите зборови, приоритет во следниот период е завршување на внатрешните процеси во владејачката партија, по што фокусот ќе се префрли на извршната власт.
„Очекувам дека до крајот на април или почеток на мај ќе ја затвориме внатрешната структура во партијата и потоа, во мај-јуни, ќе се посветиме на меѓукоалициските договори, на кадровските поместувања, освежувања, институционални рокади“, додаде премиерот.
Од оваа изјава станува јасно дека пред почетокот на летото може да се очекуваат промени не само на министерски позиции, туку и во останатите државни институции и ешалони на власта предводена од коалициските партнери.


