Македонското земјоделство се наоѓа пред целосен колапс, а Владата досега нема донесено ниту една антикризна мерка за помош на овој клучен сектор. Ова го истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче, за време на денешната средба со земјоделците во неготинското село Криволак.

Филипче предупреди дека драстичното зголемување на цените на нафтата директно предизвикало скок на цените на вештачките ѓубрива и на сите останати производни трошоци. Според него, ова сериозно ја доведува во прашање егзистенцијата на земјоделските семејства и одржливоста на домашното производство.

„Ситуацијата е навистина алармантна. Поради негрижата на власта за овој сектор мора да знаеме дека може да се соочиме со сериозен недостаток на производство на одредени земјоделски култури, посебно житарици. Тоа значи дека во следниот период може да се соочуваме со дополнителен раст и на цената на лебот до крајот на годината“, потенцираше Филипче.

Лидерот на опозицијата се осврна и на специфичните проблеми со кои се соочуваат лозарите и сточарите, посочувајќи на ниските субвенции и неисплатливите откупни цени. Тој нагласи дека во моментов нема никаква најава за откуп на црните сорти грозје, додека сточарите се соочуваат со неисплатени субвенции во услови на високи трошоци за работна рака и вода.

За надминување на состојбите, Филипче најави институционална битка преку Собранието.

„Имајќи ги предвид нивните барања ќе предложиме неколку предлог закони, како што тоа го направивме лани, што за жал власта ги одби, а тоа беше за зголемена откупна цена по килограм грозје“, заклучи претседателот на СДСМ.

Exit mobile version