Семејното насилство продолжува да биде сериозен проблем во државата. Во текот на изминатото деноноќие, полицискиот билтен бележи дури четири одвоени инциденти во кои жртвите биле нападнати или им се заканувале нивните најблиски членови на семејството – сопрузи, партнери или деца.

Во скопскиот регион се регистрирани три случаи на насилство врз жени. Првиот инцидент се случил вчера во раните утрински часови, кога 26-годишниот Д.Г. бил лишен од слобода во општина Центар, откако физички ја нападнал својата 25-годишна партнерка. Нешто подоцна, 50-годишна жена од скопско пријавила дека околу 01:00 часот по полноќ била физички нападната во сопствениот дом од нејзиниот 52-годишен сопруг И.Б. Во третиот случај во Скопје, 48-годишна жена пријавила дека нејзиниот сопруг Г.П. (52) ѝ упатувал сериозни закани.

Освен во главниот град, тежок инцидент го потресе и Штип. Синоќа во 21:30 часот, полицијата го уапсила 35-годишниот Ѓ.Б. Тој е осомничен дека претходно истиот ден, околу 14:30 часот во дворот на семејната куќа, крвнички го претепал својот 64-годишен татко, нанесувајќи му тешки телесни повреди.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат сите неопходни мерки за целосно расчистување на овие случаи, по што против насилниците ќе следуваат соодветни кривични поднесоци.

Exit mobile version