Собранието денеска, во рамки на 117. седница, ќе одлучува за избор на нов министер без ресор во Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски. Пред пратениците е предлогот Зулфикар Зејнула да ја преземе оваа функција.

Зејнула е претседател на Демократската партија на Турците, која неодамна потпиша коалициски договор со ВМРО-ДПМНЕ. Неговата кандидатура беше најавена на 10 јули, кога лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и Зејнула го официјализираа коалициското партнерство.

Демократската партија на Турците во актуелниот парламентарен состав има еден пратеник – Бејџан Иљас.

Во својата професионална кариера, Зејнула од 2021 до 2024 година ја извршуваше функцијата заменик-директор на Дирекцијата за заштита и спасување. Претходно, од 2018 до 2021 година беше советник во Советот на Општина Гостивар, а од 2017 до 2021 година работеше во Правниот сектор на Демократската партија на Турците. Работно искуство има и во приватниот сектор, во компанијата „Хабиб транс“ ДОО.

За време на неговиот ангажман во локалната самоуправа бил член на повеќе комисии, меѓу кои Комисијата за верификација, избори и именувања, Комисијата за планирање и уредување на просторот и заштита на животната средина, како и Комисијата за правни и нормативни работи.

Бил вклучен и во работата на Комисијата за процена на ризици и опасности во Скопје, како и во Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи.

За својот ангажман е одликуван од Република Турција со државно признание за исклучителна пожртвуваност.

Зејнула е дипломиран криминалист на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. Покрај мајчиниот турски јазик, зборува македонски, албански, германски и српски јазик, а поседува и сертификати за англиски јазик и компјутерски вештини.

Неговиот избор следува по неодамнешната реконструкција на Владата, спроведена на 13 јули, кога Собранието избра осум нови министри во повеќе ресори, како и еден министер без ресор.

Exit mobile version