Министерот за јавна администрација Горан Минчев порача дека професионализацијата на јавната администрација е еден од клучните предуслови за функционална држава и европска Македонија.

Во интервју за „Слободен печат“, Минчев истакна дека Владата и Министерството за јавна администрација спроведуваат суштинска реформа на системот со цел создавање модерна, ефикасна и професионална администрација ослободена од партиски влијанија.

„Јавната администрација е крвотокот на една држава. Без соодветна, добро обучена, квалитетна и со знаење исполнета јавна администрација, немаме држава“, порача Минчев.

Тој нагласи дека во изминатиот период се направени значајни реформски чекори преку донесување системски закони кои со години биле дел од европските извештаи. Според него, Законот за висока раководна служба, законските решенија за административните службеници и формирањето на Академијата за обука на јавната администрација се основа за нов модел на функционирање на институциите.

Минчев посочи дека реформата не се состои само од донесување закони, туку и од нивна реална примена и промена на институционалната култура.

„Законот е првиот чекор, но поважно е неговото спроведување. Реформата значи систем во кој секој ќе има можност да напредува преку знаење, компетенции и резултати“, истакна министерот.

Во однос на Законот за правична застапеност, Минчев рече дека станува збор за ново експертски подготвено решение со јасна методологија и механизам за следење на примената, со цел да се воспостави баланс меѓу уставните принципи и професионалните стандарди.

„Правичната застапеност и квалитетот не се спротивставени. Нашата цел е секој граѓанин да има еднаква можност, а институциите да добијат најквалитетни кадри“, рече Минчев.

Тој додаде дека реформите се дел од европската агенда на државата, со фокус на професионализација, дигитализација, обуки и подобрување на услугите за граѓаните.

Според него, вистинскиот резултат од реформите ќе се мери преку довербата на граѓаните во институциите и создавање администрација која работи побрзо, поефикасно и поодговорно.

Exit mobile version