Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски оцени дека одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО да го одложи впишувањето на Охридскиот Регион на Листата на светско наследство во опасност претставува значаен дипломатски успех за државата.

Муцунски посочи дека со усвоениот амандман е отстранета првичната формулација со која се предвидуваше регионот веднаш да биде ставен на листата во опасност, а Охридскиот Регион засега го задржува статусот на светско природно и културно наследство на УНЕСКО.

„Оваа одлука е резултат на координирана државна акција и интензивна дипломатска работа со партнерите и државите членки на Комитетот за светско наследство“, рече Муцунски.

Според него, во процесот биле вклучени повеќе институции, меѓу кои Министерството за култура и туризам, Министерството за транспорт, Министерството за животна средина и просторно планирање, општините Охрид и Струга, како и амбасадата во Париз.

„Јасно ги претставивме нашите позиции, преземените обврски и политичката волја за заштита на Охридскиот Регион. Преку дијалог и дипломатски консултации ја обезбедивме потребната поддршка за финалната одлука“, изјави министерот.

Тој нагласи дека Охридскиот Регион останува природно и културно богатство од исклучителна универзална вредност, но дека одлуката претставува и обврска за продолжување на работата за исполнување на препораките на УНЕСКО.

На државата ѝ е даден дополнителен рок од пет години за спроведување на мерките за заштита на природното и културното наследство, меѓу кои се подобро управување со регионот, спречување на неконтролирана урбанизација и зачувување на вредностите на Охридското Езеро.

Exit mobile version