Тројца кавадарчани се осудени на по 10 години затвор за убиството на 43-годишниот П.Т., кое се случи пред казино во центарот на Кавадарци во август минатата година, пренесе СакамдаКажам.
Основниот суд Кавадарци ги прогласи за виновни Д.Б.(27), М.Ѓ.(36) и Д.С.(28) за кривично дело „убиство“ по член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
„Кривичниот совет при Основен суд Кавадарци обвинетите ги прогласи за виновни и ги осуди на казна затвор во траење од по 10 години за секој осуден. Во кривичниот предмет немаше признание на вина, а на обвинетите им е продолжен притворот бидејќи се прогласени за виновни“, соопшти судот.
Според обвинението, на 27 август 2025 година, пред 5 часот наутро, по вербална расправија во казиното, тројцата излегле надвор со П.Т., каде физички го нападнале и му нанеле повеќе удари со боксови и клоци по телото и главата.
Нападот се случил на задниот влез од казиното на улицата „Никола Минчев“ во центарот на Кавадарци. Жртвата се обидела да се врати во објектот, но изгубила свест и починала од здобиените тешки повреди.
Екипата на Итната медицинска помош пристигнала околу 15 минути по нападот, но лекарите можеле само да ја констатираат смртта.


