(ВИДЕО) Кузеска: ВМРО-ДПМНЕ изгуби во Стразбур

Голема победа на правдата, на правната држава и аргументите на Владата. Европскиот суд за човекови права во Стразбур денеска потврди дека апликациите на седум поранешни функционери на ВМРО-ДМПНЕ се недозволени. Ја поздравуваме оваа одлука важна за правдата и независниот правосуден систем. Незаконската аболиција на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов пропадна, изјави на денешната прес-конференција, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.

Таа додаде дека оваа одлука на Судот во Стразбур е важна затоа што не констатира прекршување на човековите права во кривичниот прогон на членовите од некогашниот врв на ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ изгуби во Стразбур. Нивниот обид за ништење на правната држава, уште еднаш, се покажа неуспешен.

Аргументите на државата во однос на недозволеноста на апликациите победија и се уважени,рече Кузеска.

Кузеска наведе дека сега, независниот судски систем има одговорност и обврска пред граѓаните и законите да ги доведе до крај кривичните постапки кои се во тек. Само ако има правда, има мир.

Според неа нема и не смее да има какви било калкулации кога во прашање е правдата и одговорноста за сите сторени кривични дела.

Владеењето на правото и правната држава во која одговорност пред законите е еднаква за сите без разлика на политичка, верска, национална или било каква припадност се врвни приоритети на СДСМ во градењето праведно и правично општество,изјави Кузеска.

16.02.2023 - 12:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега