Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најави дека се преземаат редовни акции за темелно чистење на плоштадот „Македонија“ и Камениот мост, при што по години запоставеност повторно се оживува подната фонтана, која во моментов е пуштена во пробна работа.
– Фонтаната во моментов е пуштена во пробна работа. Се вршат проверки, калибрирање и прецизно нагодување, за да работи правилно и повторно да биде еден од препознатливите симболи на градот – истакна Ѓорѓиевски.
Тој испрати и порака во врска со заштитата на јавната површина од возила.
– И тука јас ќе бидам јасен: просторот на подната фонтана никогаш повеќе нема да биде премин за автомобили и тешки товарни возила. Плоштадот им припаѓа на граѓаните и така ќе остане! – нагласи тој.
Ѓорѓиевски додаде дека чистењето и обновата не се еднократни акции, туку претставуваат секојдневна обврска за зачувување на симболите на главниот град.

