Сакаме да говориме за сите политики што се однесуваат за младите, а проектот на Про Локал Битола „Младински политики по мерка на младите“ е модел што може да се практикува и во другите плански региони во Македонија, истакна министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски.
За време на денешниот престој во Битола, министерот Велковски јасно и недвосмислено потврди дека активностите на младите и младинските политики се во фокусот на Министерството за социјална политика, демографија и млади.
-Младински политики по мерка на младите“ е проект со одлични резултати и затоа ние го поддржуваме. Како модел е прифатливо решение за и во другите плански региони во Македонија биде применет. Првата активност што сакаме да ја преземеме како министерство е да го покажеме ова што успешно се реализира и ќе го користиме во сите плански региони. Ние сакаме да говориме за сите политики што се однесуваат за младите, а тоа е преку Младинските совети, Младинските канцеларии и лицата младински офицери одговорни што го одржуваат линкот со локалната самоуправа. Овие три компоненти се од голема помош за да се види во пракса што младите сами може да направат во својата општина, и за што може да се борат со поддршка од локалната самоуправа, нагласи Велковски.
Во изјава за МИА, градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски посочи дека соработката меѓу општината, младите, граѓанскиот сектор значи многу за Битола која има голем потенцијал.
-Наша намера е да ја отвориме вратата за младите, да им дадеме можност да се искажат, да ги извлечеме од пасивноста и неактивноста, да ги вклучиме во општествениот живот со нивни идеи. Ние сакаме да ги согледаме нивните проблеми и на тој начин да го организираме градот. Соработката меѓу општината, младите, граѓанскиот сектор значи многу за Битола која има голем потенцијал, иако традиционално е град со силна дијаспора и тенденција за миграција, ние сакаме младите да ги задржиме тука и да ги вратиме оние што се во странство за што има позитивни трендови- посочи Коњановски.
Според Александар Кржаловски, директор на МЦМС Скопје, примерот со ПроЛокал Битола е важен од повеќе аспекти затоа што треба да се демистифицира концентрацијата во Скопје.
-Ова е еден од подобрите примери што ги поддржуваме. Ако се знае дека основната функција на здруженијата на граѓани е да ги идентификуваат проблемите и да бараат решение, а потоа да бараат да бидат во системот на локалната самоуправа, но и во други региони во државата. Примерот со ПроЛокал е важен од повеќе аспекти затоа што треба да се демистифицира концентрацијата во Скопје, иако точно е дека 58 насто од организациите се регистрирани во Скопје, но ова е добар пример дека има организации што се надвор од Скопје, потоа ангажманот на младите, и демонстрираната соработка со локалната самоуправа и централната власт, нагласи Кржаловски.
Насловот на проектот „Младински политики по мерка на младите“ ја одразува суштината на самиот проект, односно дека младите не се хомогена категорија и дека условите за нивни личен и професионален развој се детерминирани со местото на живеење, посочи на денешниот промотивен настан Емилиа Ѓероска, претседателка на Про Локал Битола.
-Нашата работна теза беше дека правата кои што Законот за младинско учество и младински политики им ги дава на младите, во никој случај не треба да бидат ограничени заради недостаток на социјална, културна, спортска или институционална инфраструктура во местата каде што живеат. Овој проект го премости тој јаз, и притоа барајќи легалитет во други закони, во Законот за рамномерен регионален развој и Законот за меѓуопштинска соработка, ние креиравме механизам за регионално одлучување, регионална Платформа за млади, и тој механизам е препознаен од Министератвото за социјална политика, демографија и млади. Од механизмот произлегоа 24 мерки, локални политики кои директно одговараат на потребите на младите, истакна Ѓероска.
Во рамки на проектот „Младински политики по мерка на младите“ од Про Локал презентираа препораки за измени и дополнување на Законот за младинско учество и младински политики, и доделија награди за иновативни бизнис идеи за младите од Пелагониски регион.

