По наредба на Вишото јавно обвинителство во Белград изутрината уапсен е началникот на српската Управа на криминалистичката полиција, Марко Кричак. Како што пишуваат српските медиуми, тој се сомничи за злоупотреба на службената положба.
По истата пријава е приведен и началникот на Службата за сузбивање на криминалот, Бошко Секуловиќ.
Кричак ја водеше полициската акција по убиството на Александар Нешковиќ Баја во ресторанот „27“ во белградската населба Сењак. Во првичната полициска кривична пријава за случајот беше опфатен и Веселин Милиќ, кој во тоа време, покрај функцијата помошник-директор на полицијата, беше и началник на белградската полиција.
Според пишувањата на српските медиуми, началникот е осомничен дека во овој случај фалсификувал докази и вршел притисок врз сведоци и обвинети.
Случај Баја
Кон крајот на јули Кричак и Секуловиќ заработија кривична пријава од адвокатите на поранешниот началник на белградската полиција Веселин Милиќ беше уапсен на 15 мај заедно со уште десет други лица во врска со убиството на Александар Нешовиќ Баја, извршено на 12 мај во ресторанот „27“ во Сењак.
Во тогашното соопштение на адвокатската канцеларија „Васиљевиќ легал“ било наведено дека суштината на пријавата е во тоа што, според тврдењата на адвокатите на Милиќ, пријавените лица не му ги доставиле на надлежното обвинителство доказите со кои располагале.
Според нив, од тие докази јасно и недвосмислено произлегувало дека фактите наведени во кривичната пријава против Милиќ не биле вистинити, што, како што тврделе, се потврдило и со отфрлањето на наводите од пријавата и нејзиното дополнување.
Адвокатите тогаш истакнале дека Кричак и Секуловиќ со незаконско постапување, мотивирано од лични побуди, го дискредитирале Веселин Милиќ во јавноста и придонеле тој да биде разрешен од должноста началник на Полициската управа за град Белград.
Постои сомнение дека во Нешовиќ пукал Саша Вуковиќ, познат како Боске.
Првично се сомневало дека убиството било извршено во присуство на Милиќ и дека тој, заедно со уште тројца полицајци од неговото обезбедување, учествувал во отстранувањето на трагите од злосторството.

