Десетици американски трговски партнери, од Европа преку Кина до Индија, сега се соочуваат со нови царини од 10 до 12,5 отсто за стоката што ја извезуваат во Соединетите Американски Држави, соопшти Канцеларијата на американскиот трговски претставник, пренесува Си-Ен-Ен.

Новите царини стапија во сила утрово. Стоката од 60 засегнати земји сочинува 99,4 отсто од американскиот увоз.

Воведувањето на новите царини се совпаѓа со истекот на речиси универзалната царина од 10 отсто што претседателот Доналд Трамп ја воведе претходно оваа година, а која Врховниот суд ја оцени како незаконска.

„Претседателот нема да дозволи неговата трговска политика и пошироките цели да бидат поткопани само затоа што еден инструмент можеби е ограничен со судска одлука или со некој друг фактор“, изјавија високи претставници на Белата куќа пред новинарите во четвртокот, при најавата на новите мерки.

Најновата одлука уследи по повеќемесечна истрага на американскиот трговски претставник за наводното користење принудна работа во производството на стока што се извезува во САД, како и за неуспехот на одредени земји да спречат такви практики.

Европската Унија ги доведе во прашање новите царини, а шефицата на европската дипломатија Каја Калас ги нарече „негативно изненадување“ и ги отфрли тврдењата за принудна работа како неосновани. Швајцарија исто така ги отфрли обвинувањата, додека Норвешка соопшти дека не планира воведување контрамерки преку царини за американска стока.

Exit mobile version