Вистински пекол преживеале браќата Никола и Зоран Колеви од село Костурино, струмичко кога силното невреме и надојдената река Тркања им го уништиле целиот сточен фонд. Водната стихија, која достигнала височина од над два метри, за помалку од 10 минути ја поплавила нивната штала на местото „Шепово“, при што се удавиле 120 јагниња и 100 овци.
„Не успеавме ниту да ја отвориме вратата. Водата влечеше сè пред себе. Во еден момент постоеше опасност да нè повлече и нас, но едвај успеавме да се спасиме“, раскажува Зоран Колев за ужасот кој го доживеале. Штетата е огромна, а семејството веќе ја пријавило несреќата во Општина Струмица и чека надлежните да излезат на терен.

