Снежното невреме кое ја зафати Босна и Херцеговина денеска зеде жртва во главниот град Сараево. Една жена го загуби животот откако бор висок над 10 метри падна директно врз неа, како последица на тежината од наталожениот снег.
Инцидентот бил фатален за несреќната жена која се движела во близина на дрвото. Како што објави босанскиот сервис БХРТ, гранките на борот биле преоптоварени од влажниот снег, по што дрвото се скршило и паднало.
„Жената претрпела смртоносни повреди на главата. Иако била итно пренесена во болница, таа починала кратко по приемот како последица на сериозноста на повредите“, пренесуваат локалните медиуми.
Сараево денеска се разбуди со снежна покривка од над 40 сантиметри, што предизвика колапс во градот и дополнителна опасност од паѓање на стари и преоптоварени дрвја.

