Основниот суд во Гевгелија донесе првостепена пресуда со која 56-годишниот Васил Режак од дојранското село Сретеново е осуден на 18 години затвор, откако е прогласен за виновен за кривичното дело „убиство на свиреп начин“.
Според пресудата, на 1 ноември 2025 година во близина на угостителски објект во селото Сретеново, Режак и Никола Тимев, кои претходно биле во пријателски односи, по заедничко консумирање алкохол влегле во жестока расправија која прераснала во физичка пресметка.
Режак најпрво физички го нападнал Тимев, а потоа употребил метална шипка со која му нанел тешки телесни повреди и повеќе фрактури, по што го оставил на местото.
Тешко повредениот Тимев бил забележан од случајни минувачи, кои веднаш повикале Итна медицинска помош. Тој бил пренесен во Медицинскиот центар во Гевгелија, но и покрај напорите на лекарите, подлегнал на повредите.
Обвинетиот останува во притвор до правосилноста на пресудата, согласно законската постапка.


