Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, во гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, зборуваше за евроинтегративниот процес на државата, оценувајќи дека Македонија предолго се наоѓа во иста позиција и дека е неопходна јасна перспектива за негово завршување без дополнителни условувања.
Тој истакна дека по децении на отстапки, земјата треба да добие предвидлив пат и јасен одговор кога и како ќе заврши процесот на пристапување кон Европската Унија.
Стојаноски нагласи дека ставот на државата останува непроменет и дека нема да се прифатат нови отстапки без, како што рече, цврсти и писмени гаранции од Европскиот совет дека тоа ќе биде последното барање во евроинтегративниот процес.
Според него, односите меѓу кандидатите и ЕУ треба да се темелат на реципроцитет и почитување на европските вредности, при што посочи дека Македонија веќе има направено значајни отстапки во минатото.
Тој се осврна и на прашањето за билатералните односи со Бугарија, посочувајќи дека државата очекува напредок во однос на европските стандарди и почитувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права.
Стојаноски додаде дека евроинтегративниот процес не смее да зависи од нови билатерални условувања, туку од јасни критериуми и перформанси.


