Меѓународниот совет на аеродроми – Европа (ACI Europe) во својата анализа за воздушниот сообраќај за април 2026 година ги рангира Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид меѓу најбрзо растечките аеродроми од земјите надвор од Европската Унија.

Според извештајот, додека дел од европските пазари бележат пад на патничкиот сообраќај, Северна Македонија, заедно со Албанија и Молдавија, се издвојува со значителен раст, при што земјата бележи зголемување од 30,6 проценти.

Податоците покажуваат дека во првите пет месеци од 2026 година двата македонски аеродроми опслужиле вкупно 1,58 милиони патници, што претставува раст од 31,2 проценти во однос на истиот период во 2025 година. Во истиот период бројот на летови е зголемен за 9,5 проценти.

Од ТАВ Македонија посочуваат дека ваквиот раст е резултат на континуирани инвестиции во инфраструктурата, подобрување на услугите, маркетинг активности и соработка со авиокомпаниите, како и поддршката од Владата.

Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, истакна дека резултатите ја позиционираат земјата меѓу најбрзо растечките авијациски пазари во Европа, нагласувајќи дека во време на стагнација на дел од европските пазари, Македонија бележи силен напредок.

Од ACI Europe оценуваат дека април 2026 година претставува пресвртница за европскиот воздушен сообраќај, со нагласени разлики меѓу пазарите, додека побарувачката останува стабилна.

Во рамки на ЕУ, најголем раст е забележан во Шпанија и Италија, додека пад е регистриран во Германија, Велика Британија и Франција. Во поширокиот европски простор највисоки стапки на раст бележат Словачка, Словенија и Естонија.

Според заклучоците на ACI Europe, помалите и средните аеродроми ги надминуваат очекувањата, додека дел од големите центри остануваат поранливи на геополитичките и економските услови.

Exit mobile version