Во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судскиот процес против 13 полициски службеници, кои се товарат за тешки дела против општата сигурност поврзани со катастрофалниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“ од 16 март 2025 година.
На денешното рочиште пред Судот беше презентиран писмениот извештај од Институтот за судска медицина, според кој смртта кај 59 жртви била насилна и настапила како резултат на труење со јаглероден моноксид или задушување поради притисок врз градниот кош, додека четири лица починале во болница.
Обвинителството, застапувано од обвинителката Спасенка Андонова од ОЈОГОКК, во судницата приложи и обемна медицинска документација и вештачења за 157 лица кои се здобиле со тешки телесни повреди при паничното напуштање на објектот.
На почетокот на овој процес, сите 13 обвинети полицајци се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за трагедијата во која животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени, тврдејќи дека сториле сѐ што било во нивна моќ.
Застапничката на обвинението посочи дека во текот на обемната истражна постапка се обезбедени многубројни материјални и вербални докази кои ја докажуваат одговорноста на службените лица.
- Содржината на обезбедените докази е преточена во диспозитивниот дел на обвинетото во кој е даден опис на дејствата на обвинетите, односно начинот на кој постапувале критичниот период што им се става на товар од 14 до 16 март 2025 и кои дејства како такви несомнено надоврзани едно на друго резултирале со сериозни последици за животот и телото на граѓани – рече обвинителката.
Според обвинението, полицајците во дискотеката не презеле мерки да ја спречат употребата на пиротехниката, додека одбраната тврди дека тие биле присутни само неколку минути поради акциска контрола и немале сознанија дека на сцената ќе се палат пиротехнички средства.


