Општина Бутел започнува со поставување на видео надзор на сите јавни површини, детски игралишта и спортско-рекреативни центри, со цел да се спречи натамошното уништување на урбаната опрема, информираше градоначалникот Дарко Костовски.

Локалните власти се одлучија на овој чекор по зачестените појави на вандализам, каде новоизградените содржини за најмладите и за рекреативците редовно се на мета на несовесни граѓани.

„Изминатиот период сведоци сме на уништување на јавните површини, детските играчишта, спортско рекреативните центри, како и парковите. Се обидовме да ја заштитиме урбаната опрема особено детските игралишта, спортските терени но по сите напори уништувањето продолжива. Дел од терените не траат ниту два месеци, се кршат детските реквизити, обрачите на спортските игралишта, се крши буквално целата урбана опрема“, вели Костовски.

Градоначалникот појасни дека снимениот материјал од безбедносните камери во иднина ќе биде директно процесиран до надлежните органи за санкционирање на сторителите.

„За таа цел со поставување на видео надзорот, снимените докази да се користат за евентуална судска кривична или прекршочна постапка со цел да имаме намалување на девијантните појави во нашата општината. Апелирам да си го чуваме општинскиот имот. Нашите деца и граѓаните на општина Бутел да имаат безбедни и современи услови за рекреирање и забава“, додава Костовски.

Exit mobile version