Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција упати остри критики до лидерот на СДСМ, Венко Филипче, истакнувајќи дека тој нема кредибилитет да говори за состојбите во здравствениот сектор.

Од партијата порачаа дека наместо обвинувања кон Владата, СДСМ треба одговорите за кризата во Гостивар да ги бара кај своите коалициони партнери.

„Венко Менгеле е последниот кој има кредибилитет да говори за здравството во Македонија. Исто така за кризата во Гостивар, наместо прашања и обвинувања кон ВМРО-ДПМНЕ и Владата предводена од претседателот Мицкоски, нека се состане со неговите коалициони другари Ахмети и Таравари и нека побараат одговорност за скандалот во Гостивар директно од градоначалникот Валбон Лимани“, изјави Манасиевски.

Манасиевски истакна дека СДСМ не може да побегне од одговорноста за хаосот во здравството кој Владата го санира изминатите две години.

Во своето обраќање, портпаролот потсети на неколку случаи од периодот кога Филипче беше министер за здравство, меѓу кои Ковид-кризата, набавката на вакцини и трагедијата во модуларната болница во Тетово.

„Зошто Венко Менгеле нема право да говори за здравствениот систем? Затоа што граѓаните многу добро паметат за: Ковид кризата министер за здравство Венко Филипче, трета земја во светот по процент на смртност; Ковид криза министер за здравство Венко Филипче, наместо вакцини тој договараше провизии од нивната набавка и наместо по 32 долари за вакцина тој сакаше да ги купи со договор за 67 долари; Ковид криза министер за здравство Венко Филипче, наместо заштита на граѓаните и животот на граѓаните, му се запали модуларната болница во Тетово и живи изгореа 14 наши сограѓани, поради анекс за 20%“, рече Манасиевски.

Тој додаде и дека во тој период не бил реализиран проектот за нов Клинички центар, а потсети и на случувањата на Клиниката за онкологија, како и на спречената афера „Крвави тендери“.

Покрај здравствените политики, од ВМРО-ДПМНЕ изнесоа и обвинувања поврзани со сомнежи за затекнат луксуз, возила и имот.

„Добро го паметиме и Венко Менгеле по тоа што добиваше автомобили од фирми на кои доделуваше тендери со неговиот ментор Заев, го паметиме по становите што ги имаат во Дубаи, како и 40 катницата која Заев ја градел, го паметиме и по журките на Харис Џиновиќ кои чинат стотици илјадници евра, луксузните прошетки во Грција на луксузната јахта на неговиот ментор Заев“, посочи тој.

На крајот, Манасиевски заклучи дека мора да има одговорност за сите случувања од изминатите години штом правосудството ќе почне да постапува според правдата.

„Венко Менгеле и СДС, треба да понесат одговорност за се што се случуваше во државата изминатите години. Тоа ќе се случи кога токму тие обвинители и судии кои денес уште ги штитат, ќе почнат да судат правда, а не изговори“, заклучи Манасиевски.

Exit mobile version