Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги информираше членовите на својот кабинет дека нема да свика гласање за најновата верзија на договорот за прекин на огнот со Либан, постигнат со посредство на САД, сè додека милитантното движење Хезболах не ги прифати условите на документот.

Како што јавува израелскиот медиум Ynet, дел од министрите упатиле сериозни критики за кревкото примирје усогласено во Вашингтон и побарале писмените услови задолжително да бидат ставени на гласање пред Израел официјално да ги прифати.

Сепак, премиерот одбил да отвори гласање со образложение дека во моментов воопшто не постои конечен договор бидејќи другата страна одбива да се усогласи со наведените точки.

„Хезболах е против тоа, па затоа не донесувам одлука“, рече Нетанјаху, според Ynet, додавајќи дека ќе го поднесе договорот за прекин на огнот за одобрување од кабинетот доколку Хезболах се согласи со условите на прекинот на огнот.

Од друга страна, лидерот на Хезболах, Наим Касем, испрати порака дека северен Израел нема да биде безбеден сè додека трае бомбардирањето врз либанските села и цивили.

„Прекинот на огнот со Израел треба да го опфати и јужниот дел од Либан. Отпорот ќе продолжи сè додека Израел е во Либан“, рече Касем.

Касем дополнително нагласи дека неговата група категорично отфрла каква било поврзаност помеѓу присуството на Хезболах на терен и евентуалното повлекување на израелските трупи од регионот.

„Преговорите со Израел се „бесрамни“. Ние сме заинтересирани само за целосно прекин на огнот и повлекување на Израел од југ“, рече Касем.

Официјалното соопштение на Хезболах потврдува дека либанскиот претседател Џозеф Аун веќе е известен за отфрлањето на американскиот предлог, при што како неопходни услови за каков било иден договор се поставени враќањето на раселените жители, реконструкцијата на земјата и ослободувањето на затворениците.

Exit mobile version