Младите брачни парови на возраст до 35 години би можеле да дојдат до сопствен дом по цена најмалку 20 отсто пониска од пазарниот просек, согласно новиот владин предлог што наскоро треба да влезе во собраниска процедура.
Предвиденото законско решение ги обврзува инвеститорите најмалку 10 проценти од станбената површина во новите станбени згради да ја резервираат за оваа категорија купувачи.
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека предлогот ќе биде доставен до пратениците, а за да се елиминираат можните манипулации, попустот од најмалку 20 отсто ќе се пресметува од просечната цена на квадратот од изминатата година, регистрирана во Катастарот за конкретната катастарска општина.
„Секоја градежна компанија којашто во иднина ќе гради објекти за домување, мора однапред да определи најмалку десет проценти од станбената површина“, истакна Мицкоски, појаснувајќи дека овие станбени единици ќе им бидат понудени на младите брачни парови по најмалку 20 проценти пониска цена од референтната.
Од градежната фела начелно даваат поддршка за ваквата иницијатива во услови на високи цени на недвижностите, но нагласуваат дека пред имплементацијата се потребни дополнителни консултации и прецизирање на законските механизми. Оттаму оценуваат дека дел од мерките се брзо остварливи, додека за останатите ќе биде нужно пошироко усогласување меѓу надлежните институции.
Градежниците не очекуваат дека квотата за млади директно ќе ги поскапи останатите станови на пазарот, иако посочуваат дека формирањето на цените зависи од трошоците за градба и односот меѓу понудата и побарувачката, каде што моментално се бележи зголемена понуда и послаб интерес кај купувачите.
И покрај тоа, цените во главниот град остануваат на високо ниво: на периферијата квадратот е околу 1.500 евра, во Ѓорче Петров околу 2.000, во Кисела Вода околу 2.300, во Аеродром и Карпош околу 2.500 евра, додека во Центар се движи околу 3.000 евра, а за одредени станови достигнува и до 3.500 евра.
Конечните критериуми и моделот на примена на оваа владина мерка за полесно решавање на станбеното прашање на младите семејства ќе бидат познати по расправата и усвојувањето на законот во Собранието.

