Стаменкоска-Трајкоска за скандалот на Онкологија: Некој одлучувал кој ќе живее, а кој не

 


„Онкологија, предмет преку кој целата јавност посведочи за скандалите кои седум години го тресеа и предмет кој го потврди системскиот криминал што се прави на Клиниката за онкологија. Единствено нешто што се презеде беше разрешување на директорот на Клиниката. Овде, во Собранието на Република Македонија низ разни активности, констатиравме премногу пропусти кои влијаат врз крајната услуга што ја добивале пациентите, ако ја добивале воопшто и покрај фактот што од 2017 година наваму нивото на одобрени средства драстично се зголемувало. Се давале тендери од ќерка на татко, видовме неусогласени податоци, се распишувале јавни набавки без образложение за потребата од набавката. Се давала можност на само еден понудувач да ја одредува цената без соодветни протоколи или најкратко, како сакале. Некој во оваа држава и сакал и си одлучувал кој ќе живее, а кој нема да живее“, прецизираше во своето излагање пратеничката од редовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Бети Стаменкоска-Трајкоска на денешната собраниска седница наменета за пратенички прашања.

Стаменкоска-Трајкоска говореше за Онкологија, предмет за кој целата јавност беше сведок. Истакна дека се направиле премногу пропусти и се распишувале јавни набавки без образложение за потребата од набавката. Стаменкоска-Трајкоска постави прашање до премиерот дали има информации, односно до каде е целиот процес и кога конечно ќе се знае кој, како и зошто го правел ова на штета на здравјето на пациентите.

„Констатиравме и дека не се уважувало мислењето на стручниот колегиум и наместо тоа директорот сам одлучувал, без договор, без јавна набавка со реверс како на пазар. Ама министерот му дозволувал и многу ми е жал сега во моментов што министерот тогашен за здравство, претседателот на СДС, Венко Филипче, не е тука. Во 2021 година Клиниката за онкологија  до Фондот за здравство исплатила фактури за потрошени лекови чиј износ бил за 9 милиони денари понизок од износот евидентиран во материјалната евиденција. Клиниката за онкологија прекршувајќи низа закони, трошела повеќе пари за биолошка терапија отколку што било дозволено со буџетот. Фактурите за лекови потрошени во дневната болница биле за 142 илјади евра различни од реалниот износ. Според достапните информации, истрагата за злоупотребите на Клиниката за онкологија е завршена. Минатата година од страна на обвинителството беше кажано дека го добиле вештачењето од Србија, каде се анализирале 16 истории на пациенти и ги потврдиле сомнежите за несоодветно лекување, односно дека на некој пациенти не им била давана терапија иако била препишувана на нивно име“, објасни Стаменкоска-Трајкоска.

Стаменкоска-Трајкоска говореше и за загадениот воздух како и преземање на мерки за решавање на овој проблем, и во таа насока постави дополнително прашање до премиерот, колку инвестиции има до сега од почеток на годината и за што точно е инвестицијата на турската компанија “Казанчи холдинг“. Дополнително, Стаменкоска-Трајкоска постави прашање и до министерката за образование и наука, какви се плановите во иднина за спроведување на најавената концепција за промени во средното образование.

„Што се однесува до второто прашање е поврзано со една широка тема која нас сите не засега, покрај сите овие негативни работи кои ги зборуваме, кои се случувале во минатото и сме сведоци на многу работи, сега сакам да зборуваме и за надеж, за посветла иднина, за Македонија која цврсто оди напред, да го тргнеме темното минато за момент на страна, бидејќи сум силно убедена и верувам дека резултати, казни и обврски и одговрности ќе има за сето она темно што се случувало во минатото. Загадениот воздух е проблем за сите, сите дишеме ист воздух. За решавање на овој проблем нема брзо решение. Стандардот на граѓаните е многу важен, со добра економија, со брзорастечка економија и стандардот на граѓаните ќе се зголемува. Сето ова е директно и индиректно поврзано со моето следно прашање, премиере најавивте дека 2025 година ќе биде година на странски инвестиции, во тој контекст ме интересира, колку инвестиции има до сега од почетокот на годината и за што точно е инвестицијата на турската компанија “Казанчи холдинг“ од 1 милијарда евра инвестиции во енергетиката.

Моето трето прашање е до министерката за образование и наука, почитувана министерка во минатото и вие и ние како пратеници и македонската јавност беа сведоци за носење на избрзани промени во образованието кои доведоа до навистина страшни последици. Што се однесува до тоа јас сакам само да ве потсетам дека во февруари 2021 година, овде во Собранието по изнудена реакција беше организирана јавна расправа за новата концепција на фамозната министерка тогашна за образование, да не ја заборавиме, госпоѓата која направи страшна штета во образованието, а тоа е Мила Царовска. И после таа една изнудена реакција од притисоци кои беа правени во јавноста и во Собрание, се одржа јавна расправа. На таа јавна расправа, за предлогот нова концепција за основно образование која претходно си била донесена на Влада се зборуваше и имаше различни мислења. Концепцијата за реформа на основното образование, и тогаш само да ја потсетам македонската јавност дека тие лажеа дека за подготовка на оваа концепција биле вклучени сите засегнати страни. Тие лажеа тогаш дека го слушале и го прифаќале стручното мислење. Лажеа почитувани колеги, овие колеги кои сега требаше да седат овде и да слушаат и да се научат дека грешките не смее и не треба да се повторуваат, оваа опзиција што сега ја нема во салава. Лажеа тогаш дека за таа концепција за образование биле прифатени мислењата на МАНУ, универзитетските професори, наставниците, мислењата на сите тие кои се активни чинители и од кои образованието едноставно зависи. Резултатите се такви какви што се и јас сакам овие лоши спомени што ги имаме од минатото да завршат, ама затоа мораме да бидеме внимателни и желбата за подобро, поквалитетно образование каде ќе имаме поголем процент на задоволни ученици да ни успее. Затоа, моето прашање е почитувана министерка какви се вашите планови во иднина за спроведување на најавената концепција за промени во средното образование“, заклучува Стаменкоска-Трајкоска.

 

27.02.2025 - 19:23

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега