Средба на Гаши со бугарскиот амбасадор Ангелов: Потребно е постојано да се унапредува климата на односите меѓу Северна Македонија и Бугарија

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска оствари средба со амбасадорот на Република Бугарија во Скопје, Ангел Ангелов, на која се разговараше за односите меѓу двете земји и за можностите за унапредување на соработката на сите полиња.

Честитајќи му го изборот на функцијата на претседателот Гаши, амбасадорот Ангелов се осврна на претстојните парламентарни избори во Бугарија, како и на изборите за Европскиот парламент. Тој изрази уверување дека новоизбраните парламенти во Северна Македонија и во Бугарија ќе воспостават добра и интензивна комуникација, посебно преку парламентарните групи за соработка.

Двајцата соговорници се согласија дека е потребно постојано да се унапредува климата на односите меѓу Северна Македонија и Бугарија, како соседни земји кои се упатени на постојана соработка.

Соговорниците, исто така, разменија мислења и за соработката меѓу двете земји во рамките на НАТО, како и за ЕУ-перспективите на нашата земја во наредниот период.

06.06.2024 - 14:09

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега