Балканскиот регион во наредните денови го очекува нестабилно време со пад на температурите, силен ветер, дожд и снежни врнежи во повисоките предели, покажуваат прогнозите на метеоролошките служби.
Во земјава денеска преовладува облачно време со повремени врнежи од дожд, пообилни на запад со над 30 литри на метар квадратен, и температури меѓу 6 и 10 степени, а за време на викендот следува ново заладување со дожд на пониските места и снег на планините.
Нови врнежи и зимски услови за викендот се најавуваат и во Србија, особено во јужните, централните, источните и југозападните региони, со снежна покривка од 20 до 30 сантиметри на планините, додека во Косово кон крајот на неделата се очекуваат нови врнежи од снег и пад на температурите до минус 8 степени.
Истовремено, во Босна и Херцеговина се предвидуваат дожд, суснежица и снег во пошироки делови за викендот со утрински минимуми до минус 5 степени, а во Хрватска се очекуваат можни снежни врнежи во Загреб, пообилен снег во Лика и Горски Котар и дождливо време со поблаги температури долж приморјето.

