Променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, кои од четврток до сабота наместа ќе бидат пообилни и ќе надминат 30 литри на квадратен метар, прогнозира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) за периодот од 25 до 28 ноември 2026 година.
Во среда (25 ноември) утрото ќе биде ведро и студено, а преку денот променливо облачно, со повремени локални врнежи од дожд кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови. Ќе дува слаб до умерен југоисточен ветер, а температурите ќе се движат од минус 8 до 0 степени утринската, до 6 и 12 степени дневната.
Во четврток (26 ноември) времето ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд, пообилни во западните делови (над 30 l/m²), проследено со умерен, а наместа повремено засилен јужен ветер. Минималната температура ќе биде од 2 до 7 степени, а максималната од 7 до 12 степени.
Во петок (27 ноември) се очекува претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m²). Ќе дува слаб ветер од променлив правец, додека попладне и кон крајот на денот наместа долж Повардарието ќе дува умерен до засилен јужен ветер. Утринската температура ќе изнесува од 5 до 9 степени, а дневната од 8 до 12 степени.
Во сабота (28 ноември) ќе преовладува претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд, наместа пообилни (над 30 l/m²), и слаб до умерен северен ветер. Температурите ќе бидат во интервал од 5 до 10 степени минималната и од 6 до 11 степени максималната.

