Сашо Клековски денеска преку објава на социјалните мрежи ги претстави мерките што се преземаат за унапредување на Итната медицинска помош (ИМП), откако во коментарите на претходна објава за насилство врз здравствени работници граѓаните најчесто укажувале на проблеми како долго чекање, недостиг на екипи и одбиени или прекинати повици.
Како што посочи Клековски, Владата ја усвои информацијата за формирање самостоен Центар за итна медицинска помош Скопје – со сопствено раководство, буџет и планирање – наместо да функционира во рамки на Здравствениот дом Скопје, што би можело да послужи како пилот-модел за другите градови.
Во најавените активности се вклучени и воведување национални стандарди за тријажа кои ќе важат подеднакво во целата држава, како и формирање национален диспечерски центар за евиденција на секој повик, одлука и реакција на најблискиот тим.
Дополнително, набавени се 100 нови возила, со што бројот на функционални возила во земјата ќе достигне 200, а уште 50 се очекуваат преку ИПА 3 програмата на ЕУ, додека во Клиничкиот центар Скопје се реконструира Ургентниот хируршки центар и се оформува Ургентниот интернистички центар.
Клековски нагласи дека најголем предизвик останува кадарот, бидејќи над 300 вработени во ИМП заминуваат во пензија до 2030 година, поради што се разговара со Медицинскиот факултет за воведување на профилот парамедик, а како нерешени прашања ги издвои бројот на екипи по смена, особено во Скопје, и начинот на подигнување пациенти кога дома нема кој да помогне, порачувајќи дека единствено мерило за успех ќе биде времето на чекање по повикот на 194.

