Слави Трифонов, познатиот бугарски шоумен, музичар и политичар, воедно и лидер и основач на политичката партија „Има таков народ“ (ИТН), кој со години е присутен во бугарскиот јавен живот преку телевизијата и музиката, го напиша своето мислење за случајот со Ива Михаилова и упати низа навреди кон Македонија.

Принтскрин, видео, Youtube
-Северна Македонија ја стави Ива Михајлова на меѓународна потерница, сака да си ја врати назад во Северна Македонија, да ја уапси и да ја затвори најмалку 30 дена. Сега, токму луѓето што не ги почитуваат договореностите, што не ги почитуваат договорите што ги потпишале со Бугарија, не го почитуваат „Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Македонија“ од 2017 година, не го почитуваат францускиот предлог на ЕУ, не ги почитуваат договорите со самата ЕУ – токму тие луѓе да зборуваат за меѓународно право е едноставно смешно и жално.
Искрено да ви кажам, навистина ми се повраќа од овие бедни комплексирани луѓе, кои крадат бугарска историја и ја градат целата своја никаква самодоверба врз основа на омразата кон нас. За првпат ќе си дозволам да им кажам нешто на Македонците, кои всушност се Северномакедонци:
„Знам дека допирам до вашите уши и очи и знам дека ќе го слушнете и ќе го видите ова што го напишав. Ние сме Бугари! Имаме повеќе од 1.300 години историја! Отсекогаш сме се викале Бугарија! И сите народи знаат дека ние сме Бугари, како се вика нашата држава и каква е нашата историја, затоа што ние сме една од најстарите држави во светот! И колку и да не ви се допаѓа, што и да зборувате, што и да измислувате, колку и омраза и нетрпеливост да искажувате, како и да се нарекувате – вие сте Бугари. Отсекогаш сте биле и секогаш ќе бидете. А вие конкретно во Северна Македонија, кои во моментов ме слушате или ме читате, порано или подоцна ќе попуштите и ќе се претопите. И сега да ви кажам нешто како Бугарин. Ние, Бугарите, не предаваме! Колку и да ја критикувам државата во моментов, не верувам дека постои државен службеник кој би бил способен да ви ја предаде Ива Михајлова! Затоа што, драги мои Северномакедонци, ние што сме Бугари, најпрво сме Бугари, а потоа сме сè останато.
Затоа, врежете си го тоа во свеста. Ива Михајлова ќе остане во Бугарија и ќе се лекува во „Пирогов“.
А вие… вие можете само да читате како Ива Михајлова закрепнува и како живее слободно во својата татковина!“, напиша тој.