Во германската покраина Баден-Виртемберг од 2012 година досега официјално се евидентирани 358 детски бракови, од кои само осум се законски поништени, покажуваат официјалните податоци на покраинската влада објавени по пратеничко прашање од пратениците на AfD, Николаус Бутакоглу и Емели Кнор.
Осумте поништени бракови се случиле во периодот меѓу 2018 и 2024 година. Меѓу нив е регистриран и бракот на 11-годишно девојче од Ирак со нејзин 17-годишен сонародник, кој беше поништен во 2020 година, како и брак меѓу 14-годишно девојче од Авганистан и 30-годишен маж, раскинат во 2018 година. Во 2024 година беа поништени уште два брака – еден меѓу 16-годишна Германка и 25-годишен Пакистанец, и друг меѓу 16-годишна Сиријка и 27-годишен Сириец.
Германија уште од летото 2017 година има Закон за сузбивање на детските бракови, а во 2024 година Бундестагот усвои нови правила за заштита на малолетниците во бракови склучени во странство. Сепак, преостанатите 350 случаи, евидентирани од 2015 до 2026 година, завршиле без судска интервенција поради смрт на брачниот другар, стекнување полнолетство или одлука да не се бара поништување.
Пратеникот Николаус Бутакоглу изјави дека проблемот е „навистина ужасен“ и дека за тоа се молчи како за табу тема. Од друга страна, пратеничката Емели Кнор истакна: „Детските бракови се некомпатибилни со нашите вредности. Децата имаат право на безбедност, образование и независна иднина. Затоа ни е потребна ефикасна заштита, рана интервенција и решителна акција против принудните бракови.“
Податоците од советувалиштето YASEMIN, финансирано од државата, покажуваат дека во 2025 година имало 80 случаи на лица изложени на ризик од принуден брак, од кои 33 биле малолетници, вклучувајќи четири деца под 12 години.
Законски, во Германија стапувањето во брак е дозволено само со наполнети 18 години, а принудните бракови се третираат како посебно кривично дело.


