Сериозни инциденти, физички напади и вербални закани беа забележани за време на изборниот ден во селото Пуковац, во српската општина Дољевац, поради што на едно од избирачките места гласањето било привремено прекинато, јавуваат медиумите.
Според информациите што ги потврдија адвокатката Драгана Милутиновиќ и пратеничката Јелена Милошевиќ, немирите се случиле на избирачките места со броеви 22, 27 и 32. На едно од местата, група мажи физички нападнале членка на избирачкиот одбор и ѝ удриле шлаканица, додека на избирачкото место број 32 упаднале околу триесетина маскирани лица кои со закани го попречувале изборниот процес.
Сведоците на терен изнесоа сомнежи дека локалната полиција првично не интервенирала соодветно, по што била повикана полициска интервенција од Ниш која ја смирила тензичната ситуација. На местото на настанот пристигнале и политички претставници за да ја следат состојбата и да ја гарантираат безбедноста на гласачкиот процес, додека надлежните органи се очекува дополнително да излезат со официјални информации и мерки.

