Без независно судство, професионално обвинителство и одговорни институции нема правна сигурност, еднаквост ниту вистинска доверба, порача министерот за правда, д-р Јетон Шасивари, во честитката по повод 25 Октомври – Европскиот ден на правдата.
Шасивари нагласи дека основната определба на институциите е изградба на правосудство во кое законот ќе биде над секој интерес, а правдата нема да зависи од ничија моќ, за секој граѓанин да добие еднаква заштита и правично постапување.
„Ни треба судство кое одлучува независно, непристрасно и во разумен рок, како и обвинителство кое постапува професионално, одлучно и неселективно. Институциите треба да ја оправдаат довербата не со зборови и ветувања, туку со конкретни резултати, интегритет и одговорност. Довербата во правдата не се бара – таа се заслужува со дела“, истакна министерот.
Тој нагласи дека реформите нема да се мерат само според бројот на донесени закони, туку според промените што граѓаните реално ќе ги почувствуваат преку поефикасни постапки, поквалитетни одлуки, поголема правна сигурност и еднаква примена на законот за сите. Според Шасивари, европската иднина на државата бара европски стандарди во секоја институција, доследност во реформите и одговорност без исклучок, што претставува основна обврска кон граѓаните и нивното право да живеат во праведна и уредена држава.

