Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ѝ ја честиташе изборната победа на Илијана Јотова, која вчера беше избрана за претседателка на Бугарија, како и на нејзиниот потпретседател Кирил В’лчев.
Во објава на социјалната мрежа „Х“, Сиљановска-Давкова оцени дека изборниот резултат ја одразува волјата на бугарските граѓани и изрази уверување дека Бугарија ќе има конструктивна улога во регионот и Европа за време на мандатот на Јотова.
Таа порача дека очекува продолжување на соработката меѓу двете земји, заснована на меѓусебна почит, отворен дијалог и искрено партнерство.
Според Сиљановска-Давкова, со добра волја може да се надминат постојните предизвици, да се зајакнат македонско-бугарските односи и да се придонесе за мирот, стабилноста и просперитетот во регионот.
Кандидатската двојка Илијана Јотова и Кирил В’лчев победи на претседателските избори во Бугарија со освоени 57,58 проценти од гласовите. Нивните противкандидати Андреј Ѓуров и Георги Кандев освоија 39,47 проценти.

