СДСМ: Рамадани не избегал туку е ослободен од лица во МВР и институциите, ОЈО мора лоцира одговорност

Власта на ВМРО-ДПМНЕ е фатена жива во мега скандал со злоупотреба на државната граница, државните институции и серија прекршувања на законите. Се докажа дека не станува збор за бегство на Блерим Рамадани, туку организирано ослободување и пренесување на Косово од страна на високи функционери на МВР и други институции.

Ова денеска го кажа портпаролката на опозициската СДСМ, Богданка Кузеска на прес-конференција пред скопското Јавно обвинителство барајќи од институцијата веднаш да почне истрага. Во спротивно, според Кузеска, СДСМ ќе смета дека ОЈО застанало на страна на МВР и го прикрива скандалот.

-Што чека ОЈО, треба веднаш да реагира и за тоа да ја информира јавноста. Прашуваме, дали се штитат нарачателите на оваа партиско-полициска операција?Христијан Мицкоски вчера во скандалозна изјава, наместо да побара одговорност и внатрешна истрага за случајот, тој тврдеше дека СДСМ шири лаги. Го прашуваме, како Мицкоски без истрага и без ниедна информација од МВР за тоа како избегал Рамадани, тврди дека СДСМ лаже? Ова не значи ништо друго освен негов очаен обид да го забошоти случајот. Сите индиции укажуваат дека реализацијата на оваа партиско полициска шема за пуштање на Рамадани на Косово е политички договор кој Мицкоски морал да го исполни, рече Кузеска.

Според портаролката, министерот Тошковски треба да поднесе оставка. Побара и декласификација на снимките од Граничниот премин Блаце.

-Доколку не се спроведе целосна, темелна и независна истрага, ќе биде јасно дека и власта и обвинителството решите да го штитат МВР и Тошковски од одговорност, да ги штитат сите останати инволвирани во овој случај, сосе нарачателите и наредбодавачите. Министерот Тошковски треба да поднесе оставка и да ги разреши сите кои тој ги поставил на границата со Косово, почнувајќи од Наим Рамука. Само така ќе има услови за независна истрага без притисоци.Бараме декласификација и објавување на снимките од граничниот премин Блаце веднаш. Нека видат граѓаните која е вистината, кој е шериф на границата. ОЈО и истражните органи, многу лесно може да ги проверат преку камерите и преку граничниот систем за контрола на патници, рече Кузеска.

24.08.2024 - 12:49

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега