Премиерот побара истрага: Како се потрошиле 300.000 евра во историската комисија

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека ќе се отвори истрага за тоа како поранешните членови на историската комисија ги добивале и трошеле значителните суми што ги добиле како хонорари и додатоци. Според Мицкоски, наместо да ги заштитуваат националните интереси, членовите на комисијата, наводно, ги „продавале“ и ја засрамиле државата.

Мицкоски изјави дека инспекторите и истражителите ќе се занимаваат со начинот на кој поранешните членови на македонскиот историски тим ги користеле државните средства, кои според истражувањето на телевизијата Алфа изнесуваат околу 300 илјади евра во период од седум години. Комисијата беше формирана како дел од договорот со Бугарија.

„Нека се вклучат ОБСЕ, ама ќе се вклучат и инспекциските и истражните органи за да се види каде се трошеле парите и колкави биле хонорарите на тие што го засрамија македонскиот народ,“ рече Мицкоски.

Поранешните членови на комисијата реагираа на изјавите на премиерот, нагласувајќи дека биле подложни на политички мотивирани напади. Тие побараа вклучување на меѓународни организации, како ОБСЕ, за да ги истражат причините за нивното разрешување.

„Тие напади продолжија до денес, а бевме сведоци на неаргументирани и навредливи изјави на премиерот, кој ги дели граѓаните на ‘заштитници’ и ‘незаштитници’ на националните интереси,“ велат од поранешната комисија.

12.09.2024 - 20:31

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега