Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) излезе со жестоки критики кон премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го дека користи добро позната стратегија за дефокусирање на јавноста со цел да го прикрие недостатокот на реформи и неуспехот во евроинтеграцискиот процес.

Според соопштението на партијата, новата кампања на премиерот се состои од два дела: првиот е намерно заострување на односите со соседна Бугарија и најава за нови тензии, додека вториот дел се неоснованите напади кон опозицијата дека таа ја кочи реформската агенда.

Од Бихаќка потенцираат дека Мицкоски има апсолутно мнозинство во Собранието и може сам да ги носи законите, посочувајќи го како пример укинувањето на техничката влада кое помина без консензус.

„За тоа СДСМ не му е потребен, што и самиот призна. СДСМ му треба само како алиби за сопствениот неуспех и за фактот дека не ги исполнува условите за продолжување на преговорите и отворање на европските поглавја“, стои во реакцијата на СДСМ.

Партијата оди и чекор подалеку, тврдејќи дека премиерот всушност не сака членство во Европската Унија. Според СДСМ, Мицкоски се плаши од европските правила, од европското обвинителство и строгата контрола, бидејќи тоа би го загрозило „системот на криминал, тендери и злоупотреби“. СДСМ заклучува дека државата во моментов е фрлена на колена, но порачуваат дека наближува времето на „вистината, правдата и одговорноста“.

Exit mobile version