Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека верува оти војната во Украина се ближи кон својот крај. Оваа порака тој ја испрати на прес-конференцијата одржана по воената парада во Москва по повод Денот на победата, откако претходно за време на церемонијата ја оправда воената интервенција, нарекувајќи ја Украина „агресивна сила поддржана од НАТО“.
Зборувајќи за таканаречената „специјална воена операција“, рускиот лидер истакна дека очекува наскоро нејзино завршување. Тој откри и детали од дипломатските кулоари, посочувајќи дека словачкиот премиер Роберт Фицо, кој беше гостин на парадата, му пренел порака од Киев.
„Фицо ми рече дека Зеленски е подготвен за лична средба, но ова не е првпат да го слушнеме тоа. Не одбивам средба со украинскиот претседател, но со него ќе се сретнам само откако ќе биде постигнат траен мировен договор“, изјави Путин, додавајќи дека таквата средба би можела да се реализира во трета земја.
На прашањето за евентуални разговори со лидерите на Европската Унија, Путин изненади со одговорот дека негов претпочитан преговарачки партнер би бил поранешниот германски канцелар и негов долгогодишен пријател, Герхард Шредер.
Овие политички пораки доаѓаат по невообичаено скромната парада на Црвениот плоштад. За првпат по речиси две децении, манифестацијата помина без учество на тенкови, ракети и тешко вооружување. Настанот беше сведен само на марш на воени единици и традиционално прелетување на борбени авиони, што Кремљ го оправда со „тековната оперативна ситуација и зголемените безбедносни мерки“.


