Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска по повод 9 Мај – Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот, порача дека европската иднина на Македонија е блокирана од Христијан Мицкоски и организираната криминална група ВМРО, но дека државата ќе продолжи по европскиот пат кога СДСМ повторно ќе ја преземе одговорноста и власта ќе ја врати во рацете на народот.


„Ќе се случи Европа кога ние ќе дојдеме на власт после следните избори и сите ќе одговараат“, истакна Филипче.


Тој најави реформи, антикорупциски мерки и расчистување со системот на лажни вести и злоупотреби.


Филипче додаде дека додека земјите од регионот напредуваат кон членство во Европската Унија, Македонија е заглавена поради политиките на изолација на актуелната власт.


„Црна Гора оди напред, ги затвора поглавјата, преговорите и до година ќе стане земја членка на Европската Унија. За жал, не води организирана криминална група на чело со Христијан Мицкоски којашто сака земјава да биде во изолација, да биде слепо црево во Европа, да нема реформи, да нема европско правосудство“, рече Филипче.


Тој нагласи дека мнозинството граѓани сакаат европска иднина и дека патот за тоа е јасен.


„Како сме ние изолирани кога близу 80% од граѓаните сакаат Европа тука да дојде? Патот се знае кој е. Се што кажува премиерот е само изговор поради тоа што се знае што треба да се направи за да се почне со преговорите. Треба да се направат уставните измени“, порача Филипче.

Exit mobile version