Граѓаните денеска ги очекува променливо облачно време со сончеви периоди во претпладневните часови. Според најавите од синоптичарите, во попладневните часови временската слика ќе се промени, при што се очекува повремен локален дожд проследен со услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Минималните температури низ земјава ќе се движат од 5 до 12 степени, додека максималните дневни ќе достигнат пријатни 21 до 27 степени.
Слична временска прогноза се најавува и за главниот град. Во Скопје денеска ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди и слаб променлив ветер. Утринската температура се спушти до 9 степени, а максималната дневна ќе се искачи до 25 степени.
Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) информираат дека ваквиот временски образец ќе се задржи и во текот на целата нова работна седмица. Секојдневно се очекува променливо облачно време со сонце претпладне, додека попладневните часови ќе носат локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Синоптичарите издадоа и посебно предупредување за утре и задутре (понеделник и вторник), кога се очекува да дува засилен до силен ветер од западен правец, кој на одредени места ќе надминува брзина од 60 километри на час.Што се однесува до температурите, тие ќе бидат во пораст сè до вторник, по што од среда следува нивно постепено опаѓање.


