Владејачката ВМРО-ДПМНЕ излезе со жестоко соопштение насочено кон лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го за додворување кон бугарската политика и подготвеност за нови национални предавства.

Според ВМРО-ДПМНЕ, откако Румен Радев ја формираше новата влада во Бугарија, Филипче не почекал ниту една недела за јавно да се огласи и да покаже дека е подготвен да го продолжи „аманетот на Заев“. Владејачката партија го нарече лидерот на СДСМ „современ Коте од Руља“, обвинувајќи го дека изигрува кодош кој ја обвинува сопствената држава за создавање вештачки конфликти со соседите.

„Румен Радев не е нова политичка фигура и јасни се неговите ставови околу македонскиот идентитет. Официјалните ставови од Софија се дека македонскиот јазик е од 1945 и има бугарски корени, дека Гоце Делчев е Бугарин, а Филипче трча да му се продаде и разгласува дека ќе ги направи уставните измени“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата го обвинуваат Филипче дека се обидува да го релативизира македонскиот идентитет и националните интереси преку промоција на нова програма, додека истовремено се однесува како „портпарол на бугарските барања“. Дополнително, тие го критикуваат за неговиот однос кон јавноста и медиумите, како и за неговите чести патувања и одмори, спомнувајќи „летни распусти на јахтите на Заев во Грција“ и продолжени викенди во Рим.

ВМРО-ДПМНЕ заклучува дека на СДСМ и Филипче им е важна само фотелјата на Бихаќка, но порачуваат дека нивните обиди да наметнат уставни измени без гаранции нема да поминат бидејќи народот веќе ги препознал нивните намери.

Exit mobile version