Претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција упати остри критики кон владата и премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи ги дека свесно ја блокираат европската иднина на Македонија за да ги заштитат своите „криминални интереси“. Според Филипче, вметнувањето на малцинствата во Уставот воопшто не го загрозува македонскиот национален идентитет, туку напротив, го зацврстува и ја јакне кохезијата во општеството.

„Христијан Мицкоски и неговата криминална група ВМРО мора да разберат дека граѓаните многу јасно гледаат што тие прават. Намерно сакаат да ja изолираат земјава од Европа, за да ja сочуваат својата криминална банда на власт. Единственото што е вистински загрозено со уставните измени е токму нивната група, бидејќи европскиот пат значи европско јавно обвинителство пред кое нема да можат да командуваат и крај на наместените тендери“, истакна Филипче.

Одговарајќи на новинарски прашања за неодамнешниот избор на Румен Радев за нов премиер на Бугарија и неговите претходни ставови за македонскиот јазик, лидерот на СДСМ беше дециден дека Македонија преговара со Брисел, а не со Софија.

„Ние немаме работа со Бугарија, туку со Европа. Ние треба да исполниме европски барања и договори кои ги изгласале сите земји-членки на ЕУ, вклучувајќи ја и Бугарија. Во Преговарачката рамка стои македонски јазик, а бугарскиот Парламент изгласувајќи ја таа рамка, практично го признава јазикот“, рече Филипче.

Тој ја искористи приликата да го обвини премиерот Мицкоски за серија лаги во минатото, потсетувајќи на неговите ветувања за поништување на Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија, кои сега не се остваруваат, додавајќи дека сè било само изговор за доаѓање и одржување на власт.


Exit mobile version