Најавената реконструкција на владиниот кабинет нема да претставува само обична замена на фотелјите, туку процес на темелна анализа на сработеното во изминатите две години. Ова го истакна вицепремиерот Александар Николоски во интервју за „Ноќно студио“ на 4TV.mk, нагласувајќи дека главниот фокус на Владата останува ефикасноста и навремената испорака на ветените проекти.
Според Николоски, премиерот Христијан Мицкоски веќе интензивно ги разгледува индикаторите за успешноста на секој ресор посебно.
„Премиерот, како мандатар и носител на одлуката, прави своја анализа и согледувања. Тоа е нормален процес во една жива влада која сака да ја задржи динамиката. Ќе се разговара со коалициските партнери, но основата за секоја промена ќе биде – кој добро сработил, а кој не ги исполнил очекувањата“, посочи Николоски.
Во однос на шпекулациите за евентуален влез на нови партнери во владината коалиција, вицепремиерот беше дециден дека постоечкото стратешко партнерство со ВЛЕН и ЗНАМ е стабилно. Тој забележа дека голем дел од опозицијата изразува желба да се приклучи на Владата токму поради добрите резултати, но потенцираше дека владејачкото мнозинство има јасна визија и веќе воспоставени партнерства.
„Нашата цел е стабилност која ќе ни овозможи да ги завршиме автопатите, пругите и сите капитални инвестиции без политички опструкции. Не сакаме никој да ни се меша во ВМРО-ДПМНЕ, па затоа и ние не се мешаме кај другите“, заклучи Николоски, додавајќи дека моменталната политичка стабилност е на највисоко ниво, што отвора пат за силен економски развој.


