Кремљ денеска официјално потврди дека Русија ќе се воздржи од напади врз Украина во следниот период, прифаќајќи го барањето на американскиот претседател Доналд Трамп. Портпаролот Дмитриј Песков истакна дека оваа одлука е донесена со цел да се отвори простор за мировни преговори.
„Москва се согласи на барањето на претседателот на САД, Доналд Трамп, да се воздржи од напади врз Украина до 1 февруари за да се создадат поволни услови за преговори. Зборуваме за создавање поволни услови за преговори. Да, секако, постоеше личен апел од претседателот Трамп“, соопшти Песков.
Претседателот Трамп претходно откри дека лично го замолил Владимир Путин да ги сопре нападите врз Киев и другите поголеми градови, особено поради најавениот екстремен студ што ќе го зафати регионот во наредната недела.
Специјалниот пратеник на САД, Стив Виткоф, информираше дека преговорите меѓу двете страни бележат значаен напредок и дека следната недела се очекува продолжување на разговорите за територијален договор кој би можел да стави крај на војната.

