Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), во соработка со Министерството за внатрешни работи, општинските совети за безбедност на сообраќајот и други партнери, започна сообраќајно-превентивна кампања за информирање на граѓаните за функционирањето на системот „Безбеден град“.
Кампањата „Безбеден град – за безбедни учесници во сообраќајот“ има за цел да ги запознае граѓаните, особено возачите, со начинот на кој функционира системот, неговата улога во откривањето и санкционирањето на прекршоците, но и со правата и обврските на лицата чии прекршоци ќе бидат регистрирани со технички средства.
Од РСБСП велат дека „Безбеден град“ претставува чекор кон современ и поефикасен систем за контрола на сообраќајот. Со користење современа технологија ќе се овозможи побрзо откривање на однесувањата со кои се загрозува безбедноста на патиштата.
Системот ќе регистрира повеќе видови сообраќајни прекршоци, меѓу кои пречекорување на дозволената брзина, минување на црвено светло, управување со истечена сообраќајна дозвола и непрописно паркирање. Во наредниот период се очекува дополнително проширување на неговите функционалности.
Според РСБСП, ваквиот начин на контрола треба да придонесе за поголема објективност и неселективност при санкционирањето, како и за намалување на влијанието на човечкиот фактор при утврдувањето и документирањето на прекршоците.
„Целта не е да се санкционираат што е можно поголем број возачи. Целта е да има што помалку прекршоци, што помалку сообраќајни незгоди и што повеќе спасени човечки животи“, посочуваат од Советот.
Во рамки на кампањата ќе се спроведуваат активности и на граничните премини, каде што возачите, вклучително и оние со странски регистарски таблички, ќе добиваат информативни материјали за системот, неговата примена и обврската за почитување на сообраќајните правила.
РСБСП апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат прописите, сообраќајната сигнализација и останатите учесници на патиштата, со порака дека безбедноста не се постигнува само со санкции, туку и со одговорно однесување и развивање сообраќајна култура.


