Општина Центар и овој викенд е на терен. Вчера и денеска со два багери и два камиони се расчистуваат диви депонии во Крњево, Маџир Маало и Ново Маало, а паралелно продолжува и чистењето на локациите кои беа зафатени од невремето.

До Општина Центар секојдневно пристигнуваат голем број поплаки од граѓани за натрупан отпад, неисчистени јавни површини, паднати гранки и зеленило. Иако дел од овие обврски не се во надлежност на Општината, општинските екипи излегуваат на терен и интервенираат таму каде што е потребно, затоа што проблемите не можат да останат нерешени на штета на граѓаните.

Градоначалникот Горан Герасимовски упати апел до ЈП „Комунална хигиена“ и ЈП „Паркови и зеленило“ редовно и навремено да ги извршуваат обврските за кои се надлежни.

„Граѓаните не треба да бидат заложници на тоа кој за што е надлежен. Тие со право очекуваат чисти улици, собран отпад и уредени јавни површини. Најголем дел од поплаките завршуваат кај нас во Општина Центар и затоа реагираме секогаш кога можеме. Но, не можеме трајно да ги преземаме обврските на другите институции. Апелирам до ЈП „Комунална хигиена“ и ЈП „Паркови и зеленило“ да бидат присутни на терен и да си ги извршуваат своите надлежности. На граѓаните им треба решение, а не префрлање на одговорноста“, порача Герасимовски.

Општина Центар ќе продолжи со расчистувањето на критичните точки и со интервенциите по невремето. Истовремено, апелираме и до граѓаните да не оставаат отпад на јавните површини и да не се создаваат нови диви депонии на местата што се расчистуваат.

Exit mobile version