Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани треба да продолжи денеска во судницата во затворот „Идризово“ при Основниот кривичен суд Скопје, со сослушување сведоци предложени од одбраната.
За денешното рочиште одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов најави сведочење на повеќе лица, меѓу кои вработена во дискотеката, пиротехничар ангажиран од објектот, соработник на музичката група ДНК, угостител од Гевгелија, вработен во противпожарната служба, како и лица вклучени во внатрешното уредување и раното работење на „Пулс“.
На претходното рочиште исказ даде Магдалена Јованова, ќерка на првообвинетиот, која наведе дека во дискотеката имало противпожарни апарати кај главниот влез, бината и шанковите, панични светла кај повеќе излези и означени излези, додавајќи дека пиротехника се користела и на претходни настани и оти при нејзините посети често забележувала полициски контроли на влезот, излезот и личните карти на гостите.
Пред судот сведочеше и столарот Сашко Зафиров, кој по усен ангажман од Јованов изведувал внатрешни работи во 2012 и 2024 година, односно поставувал дрвени панели врз веќе изработени метални конструкции и ги доработувал сепарињата во 2024 година, посочувајќи дека тогаш немало интервенции врз покривната конструкција.
Судскиот процес го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, додека обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители. Судењето започна на 19 ноември 2025 година, осум месеци по трагичниот пожар на 16 март 2025 година за време на настапот на групата ДНК, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

