Продолжува судењето за предметот „Државна лотарија“ во кој се обвинети поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, поранешниот директор на АД „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, и уште шест лица.
На последното рочиште во Кривичниот суд во Скопје на 30 октомври сведочеше Андреј Крстевски, советник за имплементирање проекти во АД „Државна лотарија“, кој претходно бил член на Управниот и Надзорниот одбор, како и заменик-директор на претпријатието. Тој сведочеше за начинот на донесување одлуки во претпријатието и постапката за набавка на ВЛТ-терминалите.
Сведокот, одговарајќи на прашања на Обвинителството рече дека за идејата бил информиран лично од Бајрами. Кажа и дека за спроведената постапка дознал непосредно по нејзиното завршување од лица што биле членови на комисии задолжени за спроведување на постапките.
Четири дена по последното рочиште, Кривичниот совет ја укина мерката притвор за Бајрами и прифати гаранција во недвижен имот во вредност од 1.140.781 евро. Покрај гаранцијата, определи му се мерки на претпазливост меѓу кои и одземање на пасошот, како и обврска за редовно јавување во судот.
Според обвинението, со пречекорување на службените овластувања предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ во износ од 596.125.511 денари. Сите обвинети во досегашниот тек на постапката се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.
Обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, а судската постапка ја води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски

