Германските градови се во зголемена подготвеност, а сопствениците на луксузните продавници во големите трговски центри почнуваат со поставување заштитни панели на прозорците. Причината за ова се најавените масовни протести на таканаречената „Генерација З“, кои предизвикуваат сериозна загриженост кај локалните власти и бизнис-секторот.
Според германските медиуми, младите во земјата најавија радикални демонстрации поради незадоволство од економската состојба, климатските политики и севкупниот социјален амбиент. Иако организаторите најавуваат мирни протести, полицијата и бизнисите се во состојба на зголемена готовност, сеќавајќи се на минати немири во кои беа регистрирани материјални штети, скршени излози и грабежи.
Луксузните брендови во Берлин, Минхен, Франкфурт и други градови одлучија да не го ризикуваат својот имот, па затоа ексклузивните бутици превентивно ги забарикадираа своите стаклени фасадни површини. Надлежните служби најавуваат засилено полициско присуство за време на протестите со цел да се спречат евентуални инциденти и нарушувања на јавниот ред и мир.

